Мицкоски изнервиран од Хаќим Рамадани, најавува последици во Струга, Дебар и Тетово

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Хаќим Рамадани, кандидатот за градоначалник во Брвеница од партијата на Изет Меџити, направил голема и себична грешка со повиците за мобилизација на албанските гласачи во општините каде што во втор круг се соочуваат македонски и албански кандидати. Според него, постапките и изјавите на Рамадани ќе влијаат врз поддршката што се очекуваше за ВЛЕН во Струга, Дебар и Тетово. Мицкоски дури оцени дека неговиот дискурс е нешто што досега не било видено во поновата историја на Македонија.
„Со жалење го слушав сето она што противкандидатот на Јовица го изјави во една егзалтирана состојба. Не знам дали тоа беше специфичен момент за него, но мислам дека направи голема грешка. Направи голема грешка пред сè за кандидатите од истата онаа коалиција за која тој настапува. Замислете што ќе се случува сега во Струга, во Дебар и во одредени други општини. Толку себичен потег од политичар во поновата историја на Македонија не сме виделе. Да влегува во трка мислејќи само за себе и својот кусоглед интерес, а притоа да ги занемари сите останати кои исто така се борат во вториот круг за градоначалнички мандат — навистина е за жалење“, изјави Мицкоски.
Во врска со поддршката во вториот круг во Кичево, Мицкоски посочи дека од ВЛЕН изјавиле дека нема да има поддршка за Фатмир Дехари, што исто така било причина за препукувзњата во последните денови помеѓу премиерот и градоначалникот на Тетово, Билал Касами од далечина, кој претходно изјави дека ќе го поддржат Дехари како албански кандидат во Кичево.


