
Поддршката на граѓаните за членството на Црна Гора во НАТО е речиси за девет проценти пониска во однос на март минатата година, додека бројот на противниците е зголемен за над 11 проценти. Тоа го покажуваат резултатите од истражувањето на Центарот за демократија и човекови права – ЦЕДЕМ, спроведено во септември.
За Евроатлантскиот сојуз на Црна Гора, ваквите податоци се доказ дека проруските и анти-НАТО елементи и натаму се присутни во институциите и политичките структури.
„Нивните активности имаат за цел ширење сомнеж, слабеење на довербата на граѓаните и релативизирање на стратешките цели на државата“, наведуваат од оваа организација за Радио Слободна Европа.
На барање на РСЕ да ги коментира резултатите, официјален претставник на НАТО изјави дека Црна Гора се соочува со „континуирани хибридни закани од руски и други странски актери“, но ја нагласи посветеноста на Алијансата кон соработката со земјата. Причините за падот на поддршката, претставникот ги упати кон црногорските власти. Министерството за одбрана не одговори на барањето за коментар.
Сложени причини за пад на поддршката
Поранешниот началник на Генералштабот, Драган Самарџиќ, смета дека падот на поддршката за НАТО е резултат на комбинација од глобални влијанија, силна политичка поларизација и слаба комуникација на институциите со јавноста. Тој потсетува дека Црна Гора стана членка на НАТО во 2017 година, а по промената на власта во 2020 година, дел од новите владејачки партии – пред сè од Демократскиот фронт – отворено се против Алијансата. Нивниот лидер, Андрија Мандиќ, денес е претседател на Собранието.
Податоците на ЦЕДЕМ
Истражувањето покажува дека членството во НАТО го поддржуваат 40,7 проценти од анкетираните, што е пад од речиси девет проценти во однос на март 2024 година, кога поддршката изнесуваше 49,5%. Процентот на противниците пораснал од 30,7 на 42,1%. ЦЕДЕМ спроведува вакви истражувања од 2008 година, а трендовите покажуваат дека од 2020 до март годинава, поддршката за НАТО најчесто била мнозинска. Анкетата е спроведена на примерок од 1.006 полнолетни граѓани, во периодот од 25 септември до 6 октомври оваа година.
Борба со хибридни закани
НАТО ја истакнува улогата на Црна Гора во мисиите во Косово, Ирак, Летонија и Бугарија, како и поддршката за Украина. Алијансата ги наведува бенефитите: раст на странските инвестиции, обезбедување на воздушниот простор преку мисијата Air Policing и помош во справување со хибридните закани. Претставникот потсетил дека Црна Гора била првиот сојузник кој добил специјализирана поддршка од НАТО тим за хибридни закани.
Самарџиќ: Делови од сцената сакаат да го доведат во прашање членството
Адмиралот во пензија Самарџиќ смета дека кај граѓаните сè уште недостасува јасна перцепција за конкретните придобивки од членството во НАТО, што им остава простор на антизападните наративи. Високиот популизам, додава тој, им овозможува на противниците да ја искористат секоја институционална слабост и да ја претстават како недостаток на Алијансата.
Загрозување на евроатлантските вредности
Евроатлантскиот сојуз на Црна Гора предупредува дека одредени политички центри во државата ги користат јавните ресурси за подривање на евроатлантските вредности, прикривајќи политички врски спротивни на националните интереси. Тие бараат институциите да покажат решителност и јасна волја за заштита на стратешката ориентација на земјата, нагласувајќи дека „нема враќање назад од евроатлантскиот курс“.
Проблемите на релација институции – НАТО
Собранието сè уште нема дадено зелено светло за учество на црногорски војници во мисијата на НАТО за обука на украинските сили (NSATU). Противниците, особено од Демократскиот фронт, тврдат дека се против секое вклучување поврзано со војната во Украина. Министерот за одбрана Драган Краповиќ појасни дека војниците нема да одат во Украина, туку ќе обучуваат украински сили во Германија. Тој истакна дека Црна Гора со одговорност ги исполнува своите обврски и дека ќе продолжи со зголемување на трошоците за одбрана.
Поддршката за ЕУ исто така опаѓа
Истото истражување покажува и пад на поддршката за членство во Европската Унија – од 78 проценти во март минатата година, на 71 процент во септември оваа година.



