
Во средата на 22 октомври 2025 година беше официјалното отворен Центарот за социјална инклузија „Дренак“, како дел од активностите на Здружението на граѓани Љубезност. Центарот се наоѓа во Скопје, на ул. Дренак 34-a, Кисела Вода и ќе овозможи пристап до психолошки, социјални и правни услуги, како и окупациона терапија, со цел поддршка во ресоцијализацијата и реинтеграцијата на често заборавените граѓани во нашето општество, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ што МИА го пренесува интегрално.
„Дренак“ претставува сегмент од поширокиот регионален проект ComeHome – Справување со бездомништвото во Западен Балкан, кој се спроведува од Љубезност во партнерство со АДРА Австрија и АДРА Србија и е финансиран со поддршка од Сојузното Министерство за труд, социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Република Австрија. Проектот се реализира во периодот од 1 октомври 2024 до 30 септември 2026 година и има цел да допре до најмалку 4.000 лица во Скопје и Белград. Локални партнери на Љубезност се „Ромскиот ресурсен центар“ за Прилеп и „Сонце“ за Тетово.
На свеченото отворање свои обраќања имаа донатори и поддржувачи на проектот.
г-дин Матијас Хуменбергер (Mr. Mathias Humenberger) заменик-амбасадор во Австриската амбасада во Скопје истакна: „Австрија е еден од најсилните поддржувачи на процесот на пристапување кон ЕУ на земјите од Западен Балкан, вклучително и на Северна Македонија. Во овој контекст, се обидуваме да ги поддржиме сите иницијативи за усогласување на Северна Македонија со правилата и прописите на ЕУ што е услов за станување членка на ЕУ и патем е исто така неопходно за процесот на реформи и развој на вашата земја. Среќен сум што Австрија го поддржува овој процес, меѓу другото, со 6 проекти, финансирани од австриското Министерство за социјални работи. Отворањето на овој Центар за социјална инклузија тука во Скопјe е клучен столб на регионалниот проект и важен чекор напред кон одржливо обезбедување на сеопфатни услуги за инклузија за бездомни лица во Северна Македонија и пошироко.“
г. Метин Лимани од Министерството за за социјална политика, демографија и млади потенцираше: „Министерството е посветено на изнаоѓање соодветни модели преку кои може да се подобри препознавањето, евидентирањето и домувањето на бездомните, и лицата во ризик од бездомништво. Постои желба и се работи во насока на редефинирање на тековната состојба и зголемување на социјалните услуги кои им се потребни на бездомните лица. Ние идентификуваме потреба од повеќе граѓански организации кои ќе се лиценцираат за даватели на социјални услуги за да го поддржат состемот на социјална заштита. Тоа би значело поблиски услуги до корисниците, но и поголема меѓусебна соработка во подобрување на квалитетот на живот на корисниците.“
г. Марсел Вагнер (Mr. Marcel Wagner) Директор на АДРА Австрија во своето обраќање издвои: „АДРА Австрија покрај тоа што е координатор на овој проект е мрежа од 120 канцеларии ширум светот и има големо искуство во проекти поврзани со социјални услуги и бездомништво. Овие проекти не само што ја поддржуваат партнерската работа и директно им помагаат на луѓето во ризик во опфатените земји, туку истовремено придонесуваат преку знаења, искуства и добри пракси од Австрија кои може да се адаптираат и применат на локално ниво. Со тоа организациите растат и може да ги формализираат услугите во рамки на системот за социјална заштита.“
г. Харалд Бреза-Фугер (Mr. Harald Breza-Fugger), аташе за социјални работи на Австриската амбасада во Република Северна Македонија во своето видео обраќање сподели „Животот на улица, без струја, без вода, често немање доволно храна и живот во екстремна сиромаштија, без можност да се купат чевли или да се задоволат потребите на децата се дел од проблемите кои проектот ComHome ги адресира и дава поддршка да се надминат. Ова е директен придонес кон прекинување на генерацискиот круг на сиромаштијата преку инвестиција различни услуги за социјална инклузија. За да се постигне долгорочен ефект би сакале да видиме системско вклучување на развиените услуги во овој проект во рамки на тековниот, официјален систем на социјална заштита во државата, но и нивно финансирање од националниот буџет.“
Со отворањето на „Дренак“ се одбележаа и 10 години од работењето на Љубезност. Во изминатите десет години, преку своите членови, Љубезност секојдневно е присутна на терен – до бездомните и лицата во ризик од бездомништво, обезбедувајќи информирање, застапување, придружба во постапки за социјална заштита, поддршка на жртви на семејно насилство, посредување при добивање документи, пристап до здравствена заштита и можности за вработување. Организацијата континуирано го следи напредокот на корисниците, ги идентификува нивните идни потреби и развива иновативни модели за домување и личен развој.
г. Тони Станковски, претседател на Љубезност посочи: „Во изминативе години иградивме мрежа на пријатели и поддржувачи (институции, компании, образовни и здравствени установи, црковни заедници, индивидуалци и други) со кои тесно соработуваме и тоа ни помага постојано да ја остваруваме нашата мисија – помош и поддршка на бездомните и социјално загрозените лице. Среќен сум што имам тим кој безрезервно се вложува во работата и помага нашите проекти да допрат до оние на кои тоа им е најпотребно. “



