XВестиЛокално

ДИК ги одби сите жалби за првиот круг на локалните избори

Државната изборна комисија вчера ги одби сите 57 поднесени жалби за првиот круг од локалните избори. Триесет и седум од нив се однесуваат на постапката за утврдување и сумирање на резултатите од гласањето, додека 20 жалби се однесувале на самата постапка на гласањето.

„Го завршивме разгледувањето на поднесените жалби. Со тоа констатирам дека за точката број 7 за постапувањето по жалбите за сумирањето и утврдувањето на резултатите, ДИК постапи во законски утврден рок и ги разгледа сите жалби на јавна седница. Имаше вкупно 37 жалби за резултатите од гласањето и претходно, по точката 6, 20 жалби за постапката на гласање. Вкупно 57 жалби, од кои некои опфаќаа повеќе избирачки места. Сите жалби денеска беа одбиени како неосновани, односно дел беа претерани, а дел одбиени како недопуштени“, изјави претседателот на ДИК, Борис Кондарко, на 149-тата седница на Комисијата.

Кондарко појасни дека одлуките на ДИК во врска со жалбите ќе бидат изготвени во законски предвидениот рок, а подносителите по приемот имаат право на правна заштита во втор степен, односно да поднесат тужба до Управниот суд.

„Откако ќе одлучи Судот, ние ќе ги објавиме конечните резултати за оние општини за кои имаше жалби, на јавна седница во деновите што следат, во зависност од постапувањето на Управниот суд“, рече Кондарко.

Од 44-те општини за кои ДИК во понеделник ги објави првичните официјални резултати од изборите за градоначалник, жалби се прифатени за 11 и таму резултатите сè уште не се конечни. Станува збор за општините: Арачиново, Богданци, Босилово, Бутел, Велес, Гази Баба, Кривогаштани, Прилеп, Ресен, Чаир и Чашка.

Како што информираше Кондарко, постојат 33 општини во кои не се поднесени приговори за изборите за градоначалник и за нив ДИК денес ги објавува конечните резултати за првиот круг.

„Нема да ги читам резултатите и имињата на кандидатите бидејќи тие веќе беа прочитани во понеделник, кога ги објавивме првичните официјални резултати и се достапни на официјалната веб-страница на ДИК. Ќе ги прочитам само имињата на општините во кои гласањето за градоначалник е завршено со конечни резултати во првиот круг. Тоа се општините: Берово, Битола, Василево, Вевчани, Гевгелија, Ѓорче Петров, Градско, Делчево, Демир Хисар, Желино, Зелениково, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Кратово, Крива Паланка, Петровец, Новаци, Пласница, Радовиш, Сарај, Свети Николе, Сопиште, Старо Нагоричане, Струмица, Теарце и Штип“, изјави Кондарко.

Related Articles

Back to top button