
Европската Унија испрати прва политичка порака по локалните избори одржани на 19 октомври во Северна Македонија. Од Брисел оценуваат дека процесот бил конкурентен и дека основните слободи во голема мера биле почитувани, но потенцираат дека земјата мора да работи на унапредување на изборните стандарди.
Портпаролот за проширување на Европската комисија, Гијом Мерсие, во изјава за МИА истакна дека ЕУ ги зема предвид забелешките и прелиминарните заклучоци на меѓународната мисија за набљудување на изборите предводена од ОДИХР.
„Изборниот процес беше конкурентен и граѓаните имаа можност да избираат помеѓу вистински политички алтернативи, но одредени процедурни недостатоци и понатаму будат загриженост“, рече Мерсие.
Тој додаде дека Брисел ги охрабрува институциите во Скопје да ги адресираат сите препораки на ОДИХР, вклучително и неопходните измени на Изборниот законик, за да се обезбедат уште повисоки демократски стандарди во иднина.


