
Јавното претпријатие „Комунална Хигиена“ – Скопје (ЈП КХС) потврдува дека платите на вработените се исплаќаат со неколку дена задоцнување, но ја обвинува Министерството за здравство за неплатен долг кој, според нив, изнесува над 5 милиони евра. Од претпријатието велат дека овој долг кој трае со децении директно го загрозува финансискиот ликвидитет и бараат итна исплата за да се овозможи редовна исплата на платите.
„КХС работи со долгови веќе 30 години, бидејќи Министерството за здравство должи над 5 милиони евра… Доколку овој долг биде исплатен, гарантираме дека платите никогаш нема да доцнат, ниеден ден“, се наведува во соопштението на претпријатието, од каде додаваат дека протестите кои се обидуваат да се организираат поради задоцнување од само пет дена се „смешни“ и со политичка позадина.
Од друга страна, Министерството за здравство категорично негира дека има било каков долг кон „Комунална Хигиена“. Во нивната реакција се вели дека ваквите тврдења се неточни и имаат за цел да се избегне одговорноста на раководството на претпријатието.
„Министерството за здравство, како правен субјект, нема никакви обврски или долгови кон ЈП ‘Комунална Хигиена’ – Скопје. Тврдењата за неплатен долг од 5 милиони евра се неточни и имаат за цел да го нарушат угледот на Министерството или да се избегне одговорност од некој друг“, се вели во соопштението на МЗ.
Судирот меѓу двете институции доаѓа во време кога вработените во повеќе јавни комунални претпријатија низ државата, особено оние раководени од кадри на ВМРО и ВЛЕН, немаат примено плата со месеци. Во меѓувреме, КХС информира дека, и покрај финансиските потешкотии, платите на нивните вработени се исплаќаат редовно, иако со мало задоцнување.