
Уругвај во средата го легализираше евтаназијата, станувајќи првата земја во Латинска Америка и една од околу десетина во светот што дозволува асистирано самоубиство.
Оваа мала јужноамериканска држава има долга традиција на социјално либерални закони, меѓу кои се легализацијата на марихуаната, браковите меѓу ист пол и абортусот – многу порано од повеќето други земји.
Во средата, Сенатот го одобри таканаречениот закон „Достоинствена смрт“ со 20 гласа „за“ од 31 присутен пратеник, потврдувајќи го законот што веќе беше изгласан во Долниот дом во август.
Гласањето следеше по десетчасовна дебата, која повеќемина пратеници ја опишаа како „најтешка во нивната кариера“. Иако расправата беше мирна и емотивна, дел од присутните во салата извикуваа „убијци“ откако законот беше усвоен.
Во останатиот дел од регионот, судовите во Колумбија и Еквадор ја декриминализираа евтаназијата, без да донесат посебни закони, додека Куба дозволува терминално болните да одбијат да бидат одржувани во живот со апарати.
Законот, иницијатива на владејачката левичарска партија „Френте Амплио“, беше донесен по повеќегодишна борба и силен отпор од религиозната десница.
Анкетите покажуваат дека повеќе од 60% од уругвајците ја поддржуваат евтаназијата, додека 24% се против.
Законот дозволува асистирано самоубиство за полнолетни уругвајски државјани или жители, кои се ментално способни и во терминална фаза на неизлечива болест што предизвикува тешки страдања.
Беатрис Гелос (71), која две децении страда од невродегенеративната болест АЛС, изјави за АФП дека законот е „милосрден и многу човечен“.
„Оние што се против, немаат поим како е да се живее вака,“ рече таа со тешкотии зборувајќи од инвалидска количка.
Поддршка даде и Моника Канепа, чииот син Пабло (39) е парализиран од неизлечива болест. „Пабло не живее. Ова не е живот,“ изјави таа.
Медицинската асоцијација на Уругвај не зазеде официјален став, дозволувајќи им на лекарите да одлучат според сопствената совест, додека Католичката црква изрази „тажност“ поради оваа одлука.