Подготвени изборните материјали за локалните избори – најдолгото гласачко ливче половина метар

Подготовките за локалните избори што ќе се одржат на 19 октомври се завршени, а најдолгото гласачко ливче што ќе се користи на овие избори достигнува половина метар.
Поради големиот број кандидати за градоначалници и советници, процесот се оценува како еден од најкомплексните во поглед на печатење и логистика досега.
На овие избори, покрај политичките партии, ќе учествуваат и 69 независни кандидати за градоначалници и 68 независни советнички листи.
Рано утрово, под строго полициско обезбедување, започна дистрибуцијата на изборниот материјал од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола до сите општински изборни комисии низ земјата. Материјалот се транспортира со камиони и вклучува гласачки ливчиња, избирачки списоци и оригинални записници за секое избирачко место.
Во дистрибуцијата се ангажирани 17 тимови на Државната изборна комисија (ДИК) со поддршка на Министерството за внатрешни работи (МВР).
„На државно ниво отпечатени се 4.613.438 гласачки ливчиња, како и 254.262 страници од избирачки списоци и посебни извадоци. Подготвени се и 8.692 доверливи записници и 8.330 гласачки ливчиња на Брајово писмо за лица со оштетен вид,“ изјави претседателот на ДИК, Борис Кондарко.
На овие избори право на глас имаат 1.832.415 граѓани на 3.480 избирачки места, но ќе се отворат само 3.474, бидејќи во шест избирачки места нема запишани жители.
Според Кондарко, за подготовка на доверливиот изборен материјал се планирани 48 милиони денари (околу 780 илјади евра), додека конечната сума ќе зависи од тоа дали ќе има втор изборен круг.



