
Амбасадорот на Словачка во Бугарија, Васил Хривна, беше повикан на разговор во Министерството за надворешни работи на Бугарија, поради изјавите на словачкиот претседател Петер Пелегрини дадени за време на неговата посета на Република Северна Македонија.
Според бугарската страна, овие изјави содржат „неприфатливи оценки“ за процесот на европска интеграција на Македонија и се во спротивност со заедничката позиција на Европската унија.
На средбата, Јордан Прванов, генерален директор за европски прашања, изразил длабоко изненадување и разочараност од ставовите на Пелегрини, оценувајќи дека тие „во пракса ја доведуваат во прашање важноста на Европскиот консензус од јули 2022 година, усвоен од сите земји-членки на ЕУ, вклучително и Словачка.“
„Длабоко сме разочарани што една партнерска држава си дозволува да ја промовира контрапродуктивната реторика на владата на Северна Македонија, која постојано бара виновници за недостатокот на напредок во европската интеграција. Таков став не е во интерес ниту на стратешката визија на ЕУ за регионот, ниту на граѓаните на оваа земја кандидат,“ изјавил Прванов.
Министерството за надворешни работи на Бугарија потсети дека напредокот на Северна Македонија кон ЕУ зависи исклучиво од нејзините сопствени заслуги и исполнување на обврските и договорите, а не од изјави или поддршка од трети земји.