Венецијанската комисија бара ограничување на мандатот на Републичкиот јавен обвинител

Предложените закони за Јавното обвинителство и за Советот на јавни обвинители, и покрај неколкуте забелешки, содржат бројни позитивни решенија – нови или преземени од постојното законодавство. Ова се наведува во заедничкото мислење на Венецијанската комисија и Генералниот директорат за човекови права и владеење на правото (ДГИ) на Советот на Европа за двата предлог-закони подготвени од Владата на Македонија.
Во мислењето се препорачува измена на Уставот со цел да се ограничи правото на реизбор на Републичкиот јавен обвинител и неговиот избор и разрешување да се врши со квалификувано мнозинство во Собранието. „Имајќи ја предвид важноста на овие прашања за автономијата и независноста на Јавното обвинителство, Венецијанската комисија препорачува во рамки на идните уставни измени да се предвидат промени и по овие точки“, се наведува во документот.
Во однос на Предлог-законот за Советот на јавни обвинители, Комисијата предлага да се преиспита потребното професионално искуство за членовите-поротници и да се обезбеди алтернативен модел на избор на четирите поротници, за да се гарантира избор базиран на заслуги, интегритет и разновидна застапеност. Исто така, се предлага функцијата на обвинителите кои се членови на Советот да биде суспендирана за време на нивниот мандат.
Во препораките се наведува дека треба да се појаснат изразите „влијае врз автономијата на јавните обвинители“ или „не ги извршува своите должности во Советот“, како основа за разрешување на членовите. Се предлага и воведување дополнителни заштитни механизми, со кои важни одлуки, како прекин на мандат, би се донесувале со мнозинство гласови на обвинителите во Советот.
Во Предлог-законот треба експлицитно да се предвиди дека сите членови на Советот, обвинители и лаички, се избираат врз основа на индивидуални квалитети и дека не се потчинети на Републичкиот јавен обвинител во однос на нивната работа во Советот. Дополнително, Републичкиот јавен обвинител нема да има право на глас во областа на дисциплината. Како преодна мерка, Венецијанската комисија предлага сегашните членови на Советот да продолжат со вршење на функцијата до истекот на нивниот мандат.
Во делот за Предлог-законот за Јавното обвинителство, Комисијата препорачува во критериумите за избор на Републички јавен обвинител да се вклучат и менаџерските и организациските способности, како и да се утврди дека е дозволен само еден реизбор. „Секоја кривична пресуда што подразбира затворска казна треба да го прекине мандатот на обвинителот; да се прецизираат основите за разрешување за да се обезбеди поголема правна сигурност; Владата треба да даде јасно образложение до Собранието кога ќе отстапи од мислењето на Советот за разрешување на обвинителот, а исто така да се овозможат соодветни заштитни процедури при оценувањето на обвинителите“, стои во мислењето.
Комисијата, исто така, предлага да се укине можноста две последователни негативни оценки за работата да се сметаат за „тешки дисциплински прекршоци“ што водат кон разрешување, како и да се појасни дека одговорноста на Републичкиот јавен обвинител пред Собранието не се однесува на поединечни обвинителски одлуки или постапки на Јавното обвинителство.