
Премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, денеска во 15:45 часот ќе ја пречека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која престојува во официјална посета на Скопје.
Според официјалната агенда, тет-а-тет средбата меѓу Мицкоски и фон дер Лајен ќе се одржи во зградата на Владата во 15:50 часот, по што во 16:05 часот е предвидена и билатерална средба на двете делегации.
Во пресрет на посетата, премиерот Мицкоски изјави дека од средбата со претседателката на Европската комисија очекува да се потврди стратегиската определба на земјата за целосно членство во Европската Унија. Тој изрази и надеж дека во тој процес ќе има и конкретни чекори од страна на Унијата.
Од Европската комисија соопштија дека за време на престојот во Скопје, Урсула фон дер Лајен ќе оствари средби и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со претседателот на Собранието, Африм Гаши.