XВестиЛокално

Контрабандирале луксузни автомобили од Бугарија и ги регистрирале во Македонија со фалсификувани документи

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против тројца осомничени за вмешаност во мрежа за шверц на луксузни возила и фалсификување документи. Истрагата се однесува на поширока шема за нелегално внесување автомобили од странство преку употреба на лажни документи и фалсификувани регистарски таблички. Дел од учесниците во оваа мрежа веќе се осудени, а постапките за други се префрлени во Бугарија, бидејќи се државјани на таа земја.

Според Обвинителството, еден од осомничените во март 2022 година организирал незаконско внесување на возило „Toyota CR-V“ во вредност од 22.500 евра преку граничниот премин Деве Баир, користејќи фалсификувани документи и таблички.

Вториот осомничен се товари дека во август 2021 година поттикнал двајца бугарски државјани да прокриумчарат возило „Lexus NH300H“ во вредност од 15.000 евра, кое подоцна го регистрирал во земјата со фалсификувани документи и фиктивен договор за купопродажба.

Третиот, пак, како управител на фирма, избегнал царинска контрола и внел во земјата „Range Rover Evoque“ од Бугарија во вредност од 17.340 евра, користејќи фалсификуван број на шасија и документи.

Во истиот случај се вмешани и двајца поранешни службеници на Министерството за внатрешни работи, кои се сомничат дека изготвиле и издале фалсификувани сообраќајни дозволи.

Обвинителството побарало притвор за тројцата главни осомничени, додека за едниот од нив, кој моментално се наоѓа надвор од земјата, мерката ќе се спроведе штом биде лоциран и уапсен.

Related Articles

Back to top button