XВестиЛокално

Директорот на Клиниката за неврологија разрешен, фатен со кокаин (ВИДЕО)

Министерството за здравство го разреши од функцијата проф. д-р Игор Кузмановски, директор на Универзитетската клиника за неврологија, откако на социјалните мрежи се појави видео во кое се гледа како меша бела прашкаста материја, налик на кокаин, и прави коментари што директно асоцираат на нејзина употреба.

Во видеото што брзо се прошири на интернет, Кузмановски му вели на соговорникот:

„Ако е малце измешано, одма ти го враќам. Јас не можам со спид и амфетамини да шмркам бело, само ако не е добро. Сакаш да го пробаш и да кажеш дали е добро?“

По објавувањето на видеото, министерот за здравство Азир Алиу веднаш донесе решение за негово разрешување. Од Министерството соопштија дека „во најкраток рок ќе биде именуван нов директор, согласно законските процедури“, и додадоа дека „работата на Клиниката продолжува непречено“.

Кузмановски, кој беше назначен за директор во август годинава, вечерта се огласи на својот профил на Фејсбук, каде што упати јавно извинување и призна дека станува збор за момент на слабост од минатото.

„Се извинувам поради постапката што се случила многу пред да ја преземам функцијата директор. Тоа беше момент на моја слабост, на кој не сум горд и кој не треба да биде пример за никого. Грешките нè учат, и оваа нема да се повтори“, напиша тој.

Тој додаде дека доброволно се повлекува од функцијата директор и ќе продолжи да работи како лекар:

„Ќе продолжам да го работам тоа што најмногу го знам и сакам – да спасувам животи и да им помагам на луѓето.“

Од ВМРО-ДПМНЕ ја поздравија одлуката за негово разрешување и побараа институциите да постапат во согласност со законот, нагласувајќи дека „законот и правилата мора да важат подеднакво за сите“.

Related Articles

Back to top button