
Започна процесот на аплицирање за бесплатна сезонска вакцинација против грип, која ќе се спроведува преку јавните здравствени установи низ целата земја.
Лекарите апелираат до сите граѓани од ризичните групи – лицата над 65 години, бремените жени и особено децата – да се вакцинираат навреме.
„Имунизацијата се спроведува во текот на целата година според календарот. Кога децата ќе ја достигнат возраста за одредена вакцина, родителите треба да ги носат без оглед на сезоната. Вакцините се ефикасни, ги штитат децата и ја подобруваат епидемиолошката состојба. Иако сега има случаи на стрептококни инфекции, минатата година се соочивме со епидемија, па затоа најдобро е вакцините да се примаат навреме“, рече докторката Сања Цилевска Младеовска.
Граѓаните имаат поделени мислења – дел сметаат дека не е потребна имунизација, а други дека вакцината штити во текот на целата година.
„Ќе се вакцинирате ли? Да, редовно, бидејќи сум над 65 години. Јас и сопругот тоа го правиме секоја година. Нормално е, мора да се заштитиме, телото е постаро и послабо реагира на вируси“, рече една граѓанка.
„Минатата година се вакцинирав и поминав одлична зима, па ќе го сторам тоа и оваа година. Вакцината навистина штити и би препорачал никој да не се плаши“, додаде друг граѓанин.
Министерството за здравство информира дека годинава се обезбедени 80.000 бесплатни дози вакцини против сезонски грип.



