XВестиЛокално

Судот го одби предлогот за притвор на осомничените во случајот со јавни набавки во РЕК Битола

Основниот суд во Битола не го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство Битола за определување мерка притвор на двајцата осомничени за кривични дела поврзани со јавни набавки во РЕК Битола и им определил мерка куќен притвор.

Од ОЈО Битола информираат дека надлежниот јавен обвинител не се согласува со ваквата одлука, имајќи ги предвид ризиците од бегство на осомничените, бидејќи, како што велат, едниот има значителен имот во друга држава. 

Од тие причини, нагласуваат, Обвинителството ќе вложи жалба на одлуката на Судот и ќе бара мерка ефективен притвор.

Јавното обвинителство денеска донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осум физички и едно правно лице за продолжени кривични дела поврзани со јавни набавки во РЕК Битола. 

Петмина службени лица во РЕК Битола, меѓу кои тогашниот директор на Комбинатот и четворица раководители и директори во ПЕ Рудници во РЕК Битола, се сомничат дека во текот на 2023 година како соизвршители сториле продолжено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ така што не ја извршиле својата службена положба и овластување со намера на друг да му прибават корист, а да го оштетат комбинатот, односно спротивно на основниот рударски проект и на потребите на рудникот „Живојно“ организирале и реализирале јавна набавка за дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во ПЕ Рудници – РЕК Битола. 

Правното лице, сопственикот/управител и уште едно лице вработено во правното лице ДТПУ Марковски Компани се сомничат дека иако биле свесни дека работите не се извршени, доставувале фактури врз основа на кои од РЕК Битола незаконито наплатиле 106.200.000 денари со вклучен ДДВ, со што сториле продолжено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик и јавно-приватно партнерство“.

Со предистражните дејствија кои, како што информираат од Обвинителство, по наредба на јавниот обвинител ги преземала Управата за финансиска полиција во изминатите неколку месеци, се обезбедени докази кои даваат основано сомнение дека петмина осомничени – службени лица во РЕК Битола, односно тогашниот директор на комбинатот и четворица раководители и директори во ПЕ Рудници во РЕК Битола, во текот на 2023 година како соизвршители сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување според член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Related Articles

Back to top button