XВестиЛокално

Од јануари 2026, пријавувањето на новороденчињата ќе се врши автоматски преку „е-baby“

Министерството за дигитална трансформација информира дека од јануари наредната година процесот на пријавување на новороденчињата во Република Северна Македонија ќе биде целосно автоматизиран. Овој проект, познат како „е-baby“, претставува значаен чекор кон дигитализација на јавните услуги и поедноставување на административните постапки за граѓаните.

„Владата и Министерството за дигитална трансформација реализираат уште едно изборно ветување. Од почетокот на годината Министерството формираше меѓуинституционална работна група – во која се вклучени Министерството за внатрешни работи, Управата за водење матични книги, Министерството за здравство, Управата за електронско здравство и релевантните здравствени установи – со цел целосна автоматизација на издавањето на првото изводче од матичната книга на родените за новороденчињата“, стои во соопштението на Министерството.

Проектот „е-baby“, кој е поддржан и од канцеларијата на УНИЦЕФ, предвидува родителите да ја добиваат првата извод од матичната книга на родените директно во болницата, најдоцна 48 часа по раѓањето на бебето.

„Министерството за дигитална трансформација, користејќи ја Националната платформа за интероперабилност и Националниот портал за услуги – uslugi.gov.mk, ги поврза сите релевантни институции со цел целосно автоматизиран процес на пријавување на новороденчињата. Во втората фаза на проектот ќе бидат поврзани и услугите за здравствено осигурување преку Фондот за здравствено осигурување, како и услугите за парична помош за новороденчиња што ги издава Министерството за социјална политика, демографија и млади“, се наведува во соопштението.

Проектот „е-baby“ е дел од агендата за дигитална трансформација на јавната администрација, со цел граѓаните да добиваат побрзи, побезбедни и поефикасни услуги – без непотребна бирократија.

Related Articles

Back to top button