
Прашањата за националниот идентитет и етничката застапеност доминираат во предизборната кампања за локалните избори на 19 октомври во Северна Македонија – се наведува во преодниот извештај на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, објавен на 3 октомври. Извештајот го опфаќа периодот од 5 септември до 1 октомври 2025 година.
Според Мисијата, изборите ќе се одржат во силно поларизирана политичка и етничка клима, со зголемено незадоволство од институциите и висока перцепција за корупција. „Прашањата поврзани со идентитетот и етничката еднаквост доминираат во јавниот дискурс, заедно со барањата за реформи што треба да го забрзаат процесот на европска интеграција,“ се наведува во извештајот.
Документот истакнува дека иако изборниот процес е уреден со Уставот, Изборниот законик и актите на Државната изборна комисија (ДИК), голем дел од препораките на ОБСЕ/ОДИХР сè уште не се применети. Во мај, Уставниот суд ги укина одредбите што бараа потписи за поддршка на независните кандидати, а ДИК ја пополни правната празнина со барање за само два потписа.
Извештајот укажува и на нерегулираност на кампањите на социјалните мрежи, како и на предвремени активности на некои кандидати пред официјалниот почеток на кампањата. Забележана е и употреба на мизогинична реторика кон кандидатките, што, според ОБСЕ/ОДИХР, го нарушува принципот на родова еднаквост во политиката.
Проблем останува и точноста на избирачкиот список – од околу 1,83 милиони гласачи, приближно 1,72 милиони имаат постојано живеалиште во земјата, но дел од гласачите се наоѓаат во странство и сепак остануваат во евиденцијата. Според Мисијата, недостатоците во системот на адреси можат да влијаат негативно врз кредибилитетот на изборниот процес.
Во делот за медиумите се наведува дека просторот за информирање е етнички и политички поделен, а правилата за платено политичко рекламирање – финансирани од државниот буџет – ги фаворизираат големите парламентарни партии, оставајќи ограничен простор за независни кандидати.
ОБСЕ/ОДИХР заклучува дека локалните избори на 19 октомври ќе претставуваат клучен тест за функционалноста на демократските институции и за довербата на граѓаните во изборните процеси.PortaliX



