
Стејт департментот го објави Глобалниот извештај за трговија со луѓе за 2025 година, во кој се наведува дека Северна Македонија останува на Ниво 2, бидејќи сè уште не ги исполнува минималните стандарди за елиминација на трговијата со луѓе.
Во извештајот се нотира дека властите направиле значителни напори во споредба со претходниот период, истражувајќи повеќе случаи, гонејќи повеќе обвинети и идентификувајќи повеќе жртви. Исто така, се развиени нови процедури за мобилните тимови и е создаден фонд за компензација на жртвите.
Сепак, САД го критикуваат фактот што се осудени помалку трговци, додека Обвинителството за организиран криминал нема доволно ресурси. Некои случаи се третираат како прекршоци со поблаги казни, а мобилните тимови, кои ги идентификуваат најголемиот дел од жртвите, не добиле редовно финансирање.
Во извештајот дополнително се потенцира недостигот на специјализирани услуги за машки жртви, како и недостаток на долгорочно сместување за сите жртви. Локалната полиција и граничните службеници често не вршат редовен скрининг, па како резултат некои жртви се казнуваат за дела извршени под присила од трговците.
САД препорачуваат Северна Македонија да ги зајакне истрагите и гонењата, да воведе построги казни за трговците, да издвојува доволно средства за заштита на жртвите и да обезбеди специјализирана обука за судии, обвинители и полицајци.PortaliX


