
Денес официјално започна 20-дневната изборна кампања за локалните избори што ќе се одржат на 19 октомври 2025. Кампањата ќе трае до 17 октомври, по што следува изборниот молк. Вториот круг е закажан за 2 ноември.
Во кампањата спаѓаат јавни митинзи, реклами, настапи во медиуми и интернет, дистрибуција на материјали и претставување на кандидатите. Прекршувањата се пријавуваат во ДИК, која мора да одлучи во рок од 72 часа, а против одлуката може да се поднесе тужба до Управниот суд.
Низ целата земја ќе бидат отворени 3.480 избирачки места, а буџетот за изборите изнесува 9,76 милиони евра, од кои најголем дел се наменети за медиуми и реклами.
Локалните избори се одржуваат на секои четири години во 80 општини и во Град Скопје.


