
Белата куќа го поддржува планот според кој поранешниот британски премиер Тони Блер би ја водел привремената администрација на Појасот Газа, првично без директно вклучување на Палестинската самоуправа.
Според предлогот, Блер би раководел со орган наречен Привремена меѓународна власт на Газа (Гита), кој би имал мандат да биде „врховен политички и правен авторитет“ на Газа до пет години.
Според извештаи во повеќе странски медиуми, планот е моделиран врз основа на администрациите кои првично ги надгледуваа транзициите на Источен Тимор и Косово кон државност. Предлогот предвидува Гита првично да се воспостави во Ел-Ариш, египетски провинциски главен град во близина на јужната граница на Газа, а подоцна да влезе во територијата придружена од повеќенационални арапски сили со поддршка на ОН. Планот предвидува „конечно обединување на целата палестинска територија под Палестинската самоуправа“.
Според планот, Палестинците нема да бидат принудени да го напуштат територијатa, како што се стравуваше дека ќе се случи според претходните американски предлози за развој на таканаречена „Ривиера на Газа“.
Доколку се одобри, Блер би управувал со секретаријат од околу 25 лица и би претседавал со одбор од седум членови кој би надгледувал извршен орган што ќе ја управува територијата.
Но, секоја улога за поранешниот лидер на Лабуристичката партија неминовно би предизвикала силни полемики. По оставката од премиерската функција во 2007 година, тој ја презеде улогата на специјален пратеник на Блискиот Исток до 2015 година и ужива висок углед кај многу заливски лидери.
Сепак, Блер е негативна фигура за многу Палестинци – кои го гледаат како пречка за нивните напори за државност – и пошироко во регионот заради неговата улога во поддршката на американската инвазија на Ирак во 2002 година.
Веста за планот излезе само неколку дена откако Генералното собрание на ОН усвои поинаков план за технократска администрација што би ја презела контролата врз Газа.
Според овој предлог, познат како Њујоршка декларација, привремената администрација би дејствувала само една година, со јасна цел потоа да ја предаде власта на реформирана Палестинска самоуправа со ревидиран устав и по избори за нов претседател и парламент.
Недостатокот на јасен временски рок за пренос на контролата на Палестинската самоуправа, според планот на Белата куќа, се смета за можна пречка за неговото прифаќање од страна на Палестинците и арапските лидери. Но токму тој недостиг на спецификација, заедно со присуството на Блер, би се сметал за гаранција за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Белата куќа го гледа новиот план како компромис меѓу почетниот предлог на Доналд Трамп за тоа САД и Израел да ја „преземат“ контролата врз Газа и Њујоршката декларација усвоена од повеќе од 140 држави.
Претходните сугестии на Трамп дека САД и Израел би можеле да ги „исчистат“ Палестинците од Газа ќе претставуваа етничко чистење на населението од околу 2 милиони жители. Според новиот план, Палестинците нема да бидат охрабрувани да ја напуштат територијата, се наведува во извештаите.



