XВестиЛокално

Продолжува скринингот во Трубарево, 11 лица упатени на дополнителни прегледи

Во Трубарево денеска продолжува дводневниот медицински скрининг на населението, кој се реализира од Министерството за здравство во соработка со Клиниката за пулмологија.

Според првичните податоци од терен, во првиот ден биле прегледани вкупно 111 лица на две пунктови – 56 лица на Пункт 1 и 55 лица на Пункт 2. Здравствената состојба на граѓаните генерално е добра, но кај 11 лица е утврдено присуство на иритации и тегоби во грлото, поради што тие се упатени на дополнителни испитувања на Клиниката за пулмологија, соопшти Министерството за здравство.

Скринингот опфаќа клинички преглед, мерење на пулс, сатурација и проценка на витален капацитет, со цел да се потврди здравствената состојба на локалното население по големиот пожар во Трубарево на 13 септември.

Министерот за здравство, Азир Алиу, синоќа во телевизиско гостување изјави дека граѓаните кои се упатуваат на дополнителни пулмолошки прегледи се претежно постари лица. Тој упати апел до сите граѓани кои имаат кашлица, главоболка или потешкотии при дишење – да се пријават на скрининг.

„Целта е да се опфатат сите граѓани кои сметаат дека треба да се подложат на контрола или доколку чувствуваат симптоми како кашлица, главоболка, гушење. Би ги замолил овие граѓани да се пријават вечерва. Добро е здравствените проблеми да се откријат порано, за да може навремено да ги третираме,“ истакна Алиу.

Согласно протоколот, скринингот ќе се спроведе уште двапати – по три и по шест месеци – за да се следи ефектот од загадувањето по пожарот.

Related Articles

Back to top button