
Феминистичкото движење „Ниту една повеќе!“ денеска од 18 часот ќе организира блокада пред паркот „Жена Борец“ во Скопје. Настанот, како што велат организаторите, има за цел да испрати јасна и гласна порака за еднаквост, солидарност и живот без насилство.
„Нашиот гнев и страв се преточуваат во храброст и одлучност – да кажеме дека нема да има ниту една повеќе. Жените во оваа држава не се доволно заштитени, многу живеат во насилство или под ризик, а нивните крици за помош секојдневно се игнорираат. Затоа сме тука: за да изградиме заедништво и надеж за иднина без насилство, но и да побараме правда за сите жртви,“ велат од движењето.
Организаторите упатија покана до граѓаните да се приклучат на блокадата и активно да учествуваат во разговорите – да кажат што мислат, како се чувствуваат, што треба да се смени во системот и заедно да бараат решенија наспроти институциите кои, како што велат, не ги заштитуваат животите на жените.


