
Државната изборна комисија (ДИК) го продолжува соработувањето со печатницата „Киро Дандаро“ од Битола за печатење на гласачките ливчиња.
Пред локалните избори, претседателот на ДИК, Борис Кондарко, за „360 Степени“ изјави дека е склучен рамковен договор во вредност од околу 48 милиони денари (околу 800 илјади евра) за „производство и печатење на доверлив и недоверлив изборен материјал и избирачки списоци“.
„Рамковниот договор е до 48 милиони денари. Сепак, зависи од тоа колку општини ќе имаат втор круг и во зависност од таквите трошоци, ќе се димензионира. Се предвидува дека ќе има втор круг секаде, но претпоставуваме дека тоа не е логично, па овие трошоци би биле нешто пониски од предвидените и би биле некаде во рамки на претходните изборни циклуси, можеби малку помалку од тоа“, изјави Кондарко.
Вкупниот буџет на ДИК за изборите изнесува околу 10 милиони евра. Кондарко вели дека повеќе од две третини од овие средства се наменети за платено политичко рекламирање, а помалку од една третина за сите останати изборни активности.


