XВестиЛокално

Се расипа единствениот исправен радар на Контролата на летање, авионите во Скопје ќе слетуваат еден по еден

Се расипа единствениот функционален радар на Контролата на летање во Македонска навигација (М-НАВ) на скопскиот аеродром, објави порталот SDK.mk. Ова значи дека од вчера наутро контролорите на летање не можат да ги следат авионите на мала височина при нивното слетување.

Од двата радара поставени на контролниот кула и во нејзина близина, оној што бил во функција сега е расипан. Додека не се поправи дефектот, односно додека не пристигне делот што е порачан од Италија, авионите ќе мора да слетуваат еден по еден. Доколку се совпаднат повеќе летови за слетување, тие ќе треба да кружат над аеродромот сè додека претходниот не слета.

Информацијата ја потврди и директорот на М-НАВ, Владимир Ристески, кој нагласи дека работата продолжува, но со побавно темпо. „Ова е технички квар од електронска природа, какви што се случуваат во авијацијата. За вакви ситуации постојат предвидени безбедносни процедури со цел да продолжи да се даваат услуги кон авиокомпаниите и во вакви околности“, изјави Ристески. Тој увери дека нема никаков ризик за безбедноста на патниците, а единствената промена е ограничувањето на бројот на авиони кои може да се опслужат во еден час.

Ристески додаде дека дефектот нема да влијае врз контролата на летовите на големи височини, бидејќи таму се користат и грчките и бугарските радари.

Во летниот период контролорите на летање се заканија со штрајк поради дотраената опрема, предупредувајќи дека не само радарот, туку и софтверот и останатата техника се на работ на отказ. По уверувањата од новиот менаџмент дека наскоро ќе се инсталира нов систем, штрајкот беше одложен. „Со Синдикатот договоривме новата опрема да се инсталира во зимскиот период, кога сообраќајот е значително намален. Станува збор за сложена операција, а дополнително и италијанскиот добавувач доцнеше со испораката“, изјави Ристески.

Додека се најде техничко решение, скопскиот аеродром ќе функционира со намален капацитет, но властите гарантираат дека безбедноста на патниците не е доведена во прашање.

Related Articles

Back to top button