XВестиЛокално

Кедев: Стојам зад сè што кажав, злоупотребите треба да се расчистат

„Стојам зад сè што сум кажал во врска со злоупотребите при кардиохируршки интервенции. Тоа сум го говорел многупати и претходно, пред други здравствени авторитети. Овој пат предизвика бран реакции, јавноста се наелектризира, што е исправно. Моја главна мотивација за сето ова е да ги расчистиме неправилностите таму каде што можеме“ – изјави кардиологот Сашко Кедев, кој неодамна излезе јавно со тврдења дека се вршат непотребни операции и стентирања, по што беше формирана комисија од домашни и странски експерти за да утврди дали имало злоупотреби.

Кедев оцени дека овој пат здравствениот систем реагирал соодветно – е формирана комисија која ги анализира случаите доставени до Министерството за здравство од лекари на Клиниката за кардиологија и Државната кардиохирургија. Целта, според него, е да се воведе соодветна контрола и да се подобри здравствениот систем во кој, како што посочи, сега се инвестира најмногу.

„Сведоци сме на невидено инвестирање во здравството. Моментално имаме најголем буџет за здравство досега, но за жал не ги гледаме придобивките. Суштината е да се воведе контрола во системот кој ќе резултира со подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните и спречување на неправилностите. Овие неправилности не се од сега, тие датираат со години наназад. Јас сум ги отворал многупати, но никогаш не сум добивал поддршка. Овој пат има голема поддршка и од јавноста и од институциите, што е многу позитивно. Сегашниот министер за здравство е најмалку инволвиран во ова и воопшто нема врска со тие работи. Се надевам дека формирањето на комисијата од домашни експерти во рамки на МЗ, меѓународната комисија и Лекарската комора ќе даде голем придонес за расчистување на ова. Јас сум оптимист и мислам дека ќе направиме позитивен импакт во оваа сфера“ – рече Кедев.

Тој смета дека треба да се направат соодветни проверки и во јавното и во приватното здравство, а потоа наодите на комисијата да бидат евалуирани од меѓународни експерти. Тој додаде дека сознанијата што ги објави и ги достави до МЗ не се само негови, туку претставуваат искуства од 16 лекари експерти – интервентни кардиолози и кардиохирурзи. Во однос на тоа дали е можно да се докажат злоупотребите, тој потенцира дека „има сива зона, но има и сигурна зона каде што се знае дека не треба ништо да се прави и тоа е цврсто докажливо со документацијата што ја имаме“.

Related Articles

Back to top button