Свет

Велика Британија ќе ја признае палестинската држава овој викенд

Велика Британија ќе ја признае официјално палестинската држава овој викенд, откако претседателот на САД, Доналд Трамп, кој се спротивставува на одлуката, ќе ја напушти земјата по завршувањето на неговата државна посета, објави весникот Тајмс.

Премиерот Кир Стармер во јули предупреди дека ќе го преземе овој чекор доколку Израел не преземе мерки за олеснување на страдањата во Газа и не постигне примирје во неговата речиси двегодишна војна со Хамас.

Израел смета дека признавањето на палестинска држава, што исто така најавија дека ќе го сторат овој месец и Франција, Канада и Австралија, ќе претставува награда за Хамас.

Тајмс, без да ги наведе своите извори, објави дека Британија ќе го направи соопштението откако Трамп ќе ја заврши посетата во четврток.

Британското Министерство за надворешни работи веднаш не одговори на барањето за коментар.

Во јули, Трамп, кој моментално е во своја втора државна посета на Британија, изјави дека нема ништо против доколку Велика Британија преземе ваков чекор, но оттогаш САД јасно го искажаа своето противење кон секој таков потег од страна на нивните европски сојузници.

Стармер, кој е под притисок од дел од членовите на неговата Лабуристичка партија да заземе построг став против Израел, изјави дека Британија ќе ја признае палестинската држава на Генералното собрание на Обединетите нации следната недела, доколку Израел не преземе суштински чекори за олеснување на состојбата во Газа.

Related Articles

Back to top button