
Од наредната година младите кои сакаат да станат полицајци ќе можат да го започнат својот професионален пат уште во средно образование. По повеќегодишна пауза, во септември повторно ќе се отвори Средното полициско училиште. Законот за основање на ова училиште веќе е доставен во Собранието.
Според него, право на запишување ќе имаат редовни ученици кои завршиле втора година средно образование во училишта на територијата на државата. Освен тоа, кандидатите треба да исполнат и неколку критериуми: да бидат државјани на Македонија, да немаат наполнето 18 години на денот на објавување на конкурсот, активно да го користат македонскиот јазик, да бидат здравствено и психофизички способни, како и да поминат безбедносна проверка која ќе утврди дека не претставуваат ризик.
Наставата ќе се изведува во рамки на Центарот за обука во Идризово, почнувајќи од 13 мај 2026 година. Образованието ќе трае две години, односно трета и четврта година, а наставните планови и програми ќе ги утврди министерот за образование во согласност со министерот за внатрешни работи.
Тоа значи дека секој ученик кој ја завршил прва и втора година во средно училиште, доколку ги исполнува условите, може да се пријави на конкурсот и своето образование да го продолжи овде, отворајќи го патот кон полициска кариера.


