
Пратеничките од Клубот на пратенички во Собранието излегоа со заедничка реакција, барајќи почитување на законите и брзо постапување од надлежните институции за заштита и превенција на насилството врз жените.
Во реакцијата се истакнува дека тие едногласно ги поддржале измените на Кривичниот законик, со кои фемицидот веќе се признава и третира како кривично дело. Пратеничките апелираат судските органи и другите надлежни институции да ги преземат сите неопходни мерки за заштита на жртвите и превенција на нови случаи.
„Ние, жените од Парламентот, едногласно, остро и силно ги осудуваме честите случаи не само на брутално насилство, туку и на фемицид“, се наведува во реакцијата на пратеничките, кои апелираат судовите да ги применуваат одредбите од Кривичниот законик во согласност со Истанбулската конвенција.
Пратеничките нагласуваат дека фемицидот е најтешката форма на насилство врз жените, само затоа што се жени, и додаваат дека жените мора да се чувствуваат безбедни и заштитени, што според нив е одговорност на сите институции во државата.


