
Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупцијата и Државниот завод за ревизија потпишаа Меморандум за соработка во пресрет на претстојните локални избори.
Како што информира ДИК, со овој меморандум трите институции го зацврстуваат својот ангажман за директна соработка, координација и меѓусебна помош при спроведувањето на одредбите за финансирање на изборната кампања, размена на информации и податоци, како и навремено постапување при евентуални нерегуларности.
„Посебен акцент е ставен на транспарентноста во финансирањето на изборната кампања преку редовна размена на финансиски извештаи, како и на заедничките активности за унапредување на почитувањето на изборната регулатива со цел одржување слободни, коректни и демократски избори. Меморандумот предвидува и меѓусебна соработка во делот на постапување по поднесоци, жалби и други активности од заеднички интерес, консултации и размена на искуства, како и креирање и имплементација на заеднички проекти“, стои во соопштението на ДИК.
Со потпишувањето на овој документ, како што се наведува, ДИК, ДКСК и ДЗР испраќаат јасна порака за нивната решителност да обезбедат кредибилен изборен процес и да ја зголемат довербата на граѓаните во институциите и изборите.


