
Во текот на изминатата ноќ до попладневните часови, во регионот на Трубарево се извршени 13 интервенции од Итната медицинска помош, при што едно лице било транспортирано во болница, а друго, неподвижно лице, било пренесено во друго живеалиште.
„Министерството за здравство внимателно ја следи ситуацијата и здравствениот систем е мобилизиран за справување со новите предизвици што се појавија. Од извршените интервенции на Итната медицинска помош, само едно лице е транспортирано во јавна здравствена установа, на Клиниката за токсикологија. Исто така, кризниот штаб што веднаш го формиравме како Министерство, одржува постојани состаноци и во наредниот период ќе се преземат соодветни мерки во согласност со околностите,“ изјави министерот за здравство Азир Алиу.
Од Клиниката за токсикологија информираа дека пациентката примена во текот на ноќта е надвор од животна опасност.
„Пациентката имаше и други придружни симптоми и поради тоа беше задржана на лекување, но најважно е што таа се наоѓа во добра здравствена состојба. Во текот на денешниот ден уште три пациенти беа амбулантски прегледани на Клиниката и пуштени дома,“ рече директорот на Клиниката, Арѓенд Имери.



