
На средба со граѓанските организации, кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, ја претстави својата визија за поефикасна, потранспарентна и од корупција заштитена општина. Тој истакна дека за таа цел предлага три сета механизми, кои, според него, ќе ја трансформираат работата на локалната власт.
„Чаир 48“ – граѓанинот како заштитник на јавниот интерес
Османи објасни дека првиот механизам, наречен „Чаир 48“, има за цел воспоставување брза и ефикасна комуникација со граѓаните. Тој најави дневно објавување на табла со рокови за општинските активности, гарантирајќи дека секое барање или прашање од граѓаните ќе добие одговор во рок од 48 часа. „Ова ќе стави крај на честата забелешка дека ‘општината ништо не работи’. За таа цел ќе бидат формирани и тимови за брзи интервенции“, рече Османи.
Тотална транспарентност во тендерите и вклучување на вештачката интелигенција
Вториот механизам се однесува на борбата против корупцијата – проблем кој, според Османи, со години го деградирал Чаир. Тој вети дека јавните набавки и тендерите ќе се спроведуваат со целосна транспарентност и со пренос во живо, за граѓаните и невладините организации да можат да ја следат секоја фаза од постапката. „Ќе се создаде онлајн платформа каде ќе се објавува секој трошок – кој го дал, за што е даден и кој е корисникот. За да се елиминира човечкиот фактор, во оценувањето на критериумите ќе се вклучи и вештачка интелигенција, како што е пракса во европските земји“, нагласи Османи.
„Градежна Стража“ – урбанистичка контрола во реално време
Третиот сет механизми, кој Османи го нарече „Градежна Стража“, има за цел воспоставување ред во областа на урбанизмот. Тој најави воспоставување на „урбанистички скенер“ што ќе им овозможи на граѓаните во реално време да знаат што се гради во општината, кој е инвеститорот и дали постои дозвола за градба. „На секое градилиште ќе поставиме постер со QR-код кој граѓаните ќе можат да го скенираат со телефон и да ги добијат сите информации. Ќе отвориме и анонимна телефонска линија за пријавување неправилности и дивоградби, каде општината веднаш ќе реагира со тимови за брзи интервенции. Дополнително, ќе направиме целосна ревизија на сите постапки за градба“, појасни Османи.
На крај, тој изрази уверување дека „по 19 октомври, Чаир ќе функционира поинаку – ефикасно, транспарентно, без корупција и со ред. Овие револуционерни мерки ќе бидат модел и за другите општини.“


