
Жителите на Горна Свиларе од кандидатот на ВЛЕН за градоначалник на Сарај, Мухамед Елмази, побараа да се ангажира за решавање на проблемот со канализацијата и снабдувањето со вода за пиење без прекини. Еден од клучните проблеми за нив е и недостигот на јавен превоз.
„Она што нас најмногу нè мачи. Автобусот сообраќа редовно, тоа сите го знаат, се паркира во Долна Сфилера. Значи линијата ја прави, се паркира во Долна Сфилера и завршена работа. Реално тој автобус е за нас. Зошто не доаѓа, зошто застанува таму, сè уште немаме одговор“, изјави еден од жителите на средбата.
Друг жител се пожали на близината на каналот до населените куќи и непријатниот мирис, барајќи негово поместување најмалку 500 метри подалеку од домовите.
„На пример, јас живеам таму долу, од каналот доаѓа мирис. Ако гледаме според закон, минимум треба да биде 500 метри далеку од куќата за да не доаѓа мирис. Финансираш куќа 100 или 200 илјади евра и не можеш да излезеш на тераса поради мирисот“, изјави жителот на Горна Сфилера.
Кандидатот на ВЛЕН за Сарај, Мухамед Елмази, вети разгледување на сите проблеми и изготвување на програмата заедно со жителите.
„Во својство на кандидат за градоначалник поддржан од сите партнери на коалицијата и лидерите на коалицијата ВЛЕН, а воедно и во својство на гостин, сакам мојата програма да биде резултат на актуелните барања на секое населено место“, им порача Елмази на жителите.


