XВести

Османи и Меџити со ветувања за борба против дивоградбите и развиена Чаршија

Кандидатот на ВЛЕН за градоначалник на Чаир, Изет Меџити, излезе со предлог за организиран паркинг во Старата Чаршија, кој според него ќе помогне во понатамошниот развој на овој главен економски извор на Чаир. Осмислувајќи го планот за урбанистички реформи заедно со познатиот архитект Бајрам Вардар, Меџити потсетува дека ова место треба да продолжи со интензивна работа, што ќе ја олесни добро организираниот паркинг за граѓаните.

„Главната економија на Чаир е Старата Чаршија. Тоа е најголемата чаршија на Балканот. 700 дуќани, многу поголема од чаршијата во Сараево. Кога дојдов во 2005 година, беше страшно да се помине после 5 часот, а сега дури и на полноќ Чаршијата врие. Врие од туристи, врие од граѓани, врие од услуги, врие од бизниси. Над 1.000 семејства од Чаир во Скопје таму ја имаат егзистенцијата, и ако и направиме паркинг ќе ја дуплираме нејзината работа“, вели Изет Меџити во видеото објавено на социјалната мрежа Фејсбук.

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Меџити, вети и трансформација на булеварот Цветан Димов, што ќе чини 10 милиони евра. Чаир и околните населби, според Меџити, ќе добијат модерен, безбеден и функционален булевар, според европски стандарди.

Кандидатот на ДУИ за Чаир, Бујар Османи, во меѓувреме осмислува механизми за спречување на дивоградбите. Преку механизми за контрола од самите граѓани, Османи вели дека ќе се зголеми транспарентноста и ќе му се стави крај на хаосот. Ќе се отвори и директна линија за пријавување дивоградби и корупција.


„Граѓаните гледаат како нивната општина се претвора во џунгла од бетон. Овој урбан хаос нема повеќе да продолжи. Ви го претставувам третиот механизам, за заштита од дивоградбите и урбаниот хаос, кој го нареков ‘Градежна стража’. Ќе воспоставиме сосема нов систем за контрола, мониторинг и превенција на нелегалната градба, кој се состои од пет механизми. Урбанистички скенер – во реално време ќе покаже дали еден објект има дозвола за градба, дали има поднесок за незаконитост и во која фаза се наоѓа постапката. Легализација, рушење, жалба итн. Секој граѓанин ќе може да пријави сомнителни градби“, вели Бујар Османи во видеото објавено на социјалната мрежа Фејсбук.

Двајцата кандидати за Чаир испратија и обвинувања кон спротивставените политички субјекти, обвинувајќи за неуспеси во инвестициите и злоупотреби.

Related Articles

Back to top button