Скандал! Обвинителството ги „спаси“ Заткоски и Коруноски од обвиненија за корупција од 39 илјади евра

Иако доказите се јасни, сумите спомнати се вртоглави, а одговорните лица се идентификувани, Основното јавно обвинителство во Прилеп донесе одлука да не покрене кривична постапка за нашироко објавениот случај на измама со вработувања во замена за високи парични износи, кој го обелодени ПорталиX.
Станува збор за случај во кој двајца оштетени – Филип и Николчe Дунимаглоски од Кривогаштани – поднеле кривична пријава против Тони Заткоски, поранешен градоначалник на Кривогаштани и актуелен полицаец во таа општина, и Благоја Коруноски, инфлуенсер и „хуманитарец“ на ТикТок, под сомнение дека им земале големи парични суми за да ги вработат во државни институции. Се работи за вработувања во полиција и царина.
Според одлуката до која дојде редакцијата на ПорталиX, обвинителството ја отфрлило кривичната пријава со образложение дека „измамата не претставува кривично дело кое се гони по службена должност“. Воедно, обвинителството наведува дека оштетените со своја волја ги дале парите, свесни дека и самите вршат кривично дело на корупција, и дека во ниту еден момент не е докажано дека биле измамени или доведени во заблуда од страна на пријавените.
„Во рамките на истражните дејствија беа преземени потребните известувања и беа сослушани оштетените лица, како и разгледана содржината на кривичната пријава и соодветната документација. Од ова произлегува дека оштетените имале контакти со пријавените со цел вработување на нивни блиски во државни институции, за што се разговарало и за давање на парични средства. Сепак, врз основа на презентираните факти, обвинителството оценува дека не се исполнети законските елементи за кривично дело ‘измама’ или друго дело кое се гони по службена должност. Оттука, обвинителството донесе одлука за отфрлање на кривичната пријава, бидејќи не постојат правни основи за кривично гонење“, стои во решението на обвинителството.
Од ова станува јасно дека обвинителството дури не се потрудило да ги сослуша Заткоски и Коруноски.
„Почитуван медиум еве ја правдата во Македонија. Организиран криминал се отфрла како не основано без никакви санкции и обврска со задолжение горе наведените лица да ги вратат парите..Ужас од подмитени обвинители“, вели еден од оштетените, Филип Дунимаглоски.
Од официјалните искази произлегува дека оштетените биле уценувани неколку пати да исплатат различни суми што достигнуваат над 346.000 денари, односно околу 5.600 евра, за работно место во царина за ќерката на еден од нив. Парите биле предавани во кафулиња, бензински станици и дури во автомобил. Спомнувани се имиња на функционери и давани се ветувања за вработување и во МВР.
И покрај исказите на оштетените, банкарските трансакции и директните сведоштва, Основното јавно обвинителство во Прилеп заклучува дека нема кривично дело што се гони по службена должност. Со оваа одлука, институцијата тивко ја легитимира опасната пракса – продавање на работни места во јавниот сектор.
Оваа одлука не е само отфрлање на правдата, туку и силна порака до сите граѓани дека можат да го прекршат законот и да поминат неказнето, доколку зад нив стои „силно“ име – дури и кога измамата е очигледна.
Повеќе на оваа тема – https://portalix.mk/mk/2025/07/24/plati-39-000-evra-za-rabotno-mesto-ostana-bez-pari-i-bez-rabota-koi-se-lugeto-shto-go-izmamija-graganinot/
Министерот за внатрешни работи го штити корумпираниот началник Затоски


