
„На 13.03.2024 ја демонтиравме далекуводната линија. Јас бев на земја, а двајца монтери беа горе и чекаа демонтажа. Во еден момент го слушнав возачот што беше до мене како викаше: ‘Тргнете се, столбот пука!’ Почнавме да трчаме и додека бегав, слушнав како зад мене паѓа столбот. Во истиот момент ги видов момците од корпата како летаат кон земјата.“
Ова е сведоштво од лице кое било присутно на местото на несреќата во која животот го загуби 26-годишниот Александар Михајловски од Зрновци.
„Ми рече: паднал столб, се случила голема трагедија, твојот брат починал. Кога ми го кажа тоа, паднав и јас, телефонот го фрлив на земја – тоа беше тоа.“, изјави Слаѓан Михајловски, брат на жртвата.
Несреќата се случила на оваа локација во близина на Прага.
„Кога ги тргнале металните кабли од десната страна, левата страна почнала да влече, столбот пукнал и ја погодил корпата, која се скршила од висина од 25.30 метри. Брат ми паднал и починал на самото место.“, изјави Слаѓан Михајловски, брат на жртвата.
Обдукцијата направена од чешките власти потврдува дека причината за смртта биле фрактури на черепот и градниот кош предизвикани од пад од висина.
Скршениот шлем сведочи за силината на ударот.
За семејството, најголемата болка е недостатокот на правда. Додека во Чешка компанијата е казнета и ѝ е одземена лиценцата, институциите во Северна Македонија не преземаат ништо конкретно.
„Ништо не знам. Адвокатите велат дека сè уште нема ништо.“
– Дали сте имале било каков контакт со нашата амбасада таму? Дали се заинтересираа за случајот, да помогнат правно или на кој било начин?“
„Не, во Чешка – воопшто. Овде кај нас бев. Ми рекоа дека не се надлежни да направат нешто од тука, морам да ја барам нашата амбасада таму во Чешка. Бев и во Министерството за надворешни работи… Нема никаков одговор. Нема одговор од никого.“
Се интересиравме и ние за случајот – одговорот од Обвинителството беше одговор без одговор.
„Со оглед дека станува збор за настан што се случил на територија на друга држава, Основното јавно обвинителство нема надлежност да ги испитува директните причини за смртта на лицето, ниту почитувањето на правилата за заштита при работа – тоа е надлежност на чешките органи. По поднесена пријава, обвинителството презема дејствија за утврдување евентуална одговорност на правни и физички лица од нашата држава во врска со несреќата“, изјавија од обвинителството.
ѓНесреќа… Луѓето умираат на работа поради небрежност, грешки. Постои компанија што ги ангажирала тие луѓе, а сè на крај останува само како „несреќа“.
Замислете ваква ситуација… Регрутираат луѓе да војуваат во странски држави. Умираат таму. Полицијата ги наоѓа лицата кои регрутираат, но тие не се виновни, бидејќи нашите граѓани починале во друга држава. Апсурдна ситуација.
Компанијата “Ellnos DL DOOEL”, која го ангажирала Александар, има седиште во Северна Македонија.
Оваа компанија ангажирала нечие дете, брат – и го испратила во Чешка. Го вратила во ковчег. А одговорност – нема.
А зошто Александар заминал во странство?
За да изгради куќа.
Планирал живот со својата девојка, но во оваа држава нема многу можности.
Денес, неговата соба остана празна. Во неа сè уште стојат фотографии со блиските, со свеста дека тој никогаш повеќе нема да се врати.



