Конкурс за 600 полицајци пред 6 месеци, сега нов за уште 150 – дали не успеа конкурсот поради недостиг на Албанци?!

Уште без да заврши процесот на селекција на новите полицајци од конкурсот објавен во декември минатата година, Министерството за внатрешни работи распиша нов оглас за вработување на дополнителни 150 полицајци.
Иако претходниот конкурс не е затворен, а кандидатите веќе шест месеци се во фаза на селекција, МВР го оценува конкурсот за 600 полицајци како „успешен“.
Од Министерството за внатрешни работи за PortaliX велат дека процесот на селекција и потпишување на едногодишни договори со кандидатите ќе се случи наскоро, но не даваат коментар за повеќемесечното одложување.
„Во врска со вашите прашања, најнапред за огласот за 600 полицајци од декември минатата година, ве известуваме дека и покрај тоа што во тек е последната фаза на селекција на пријавените кандидати сметаме дека истиот е успешен. По завршување на фазите за селекција и по формирањето на ранг листа, избраните кандидати „не почнуваат со работа“ туку со нив Министерството склучува Договор за основна обука на кандидат за полицаец во времетраење од една година“, велат од МВР.
Министерството го оправдува новиот конкурс за 150 полицајци со тоа што е наменет само за Скопје, кое, како што велат, има посложена безбедносна слика.
„Покрај тековниот оглас за 600 полицајци, според кој се бараа 300 кандидати за потребите на СВР Скопје, со оглед дека подрачјето на СВР Скопје е најкомплексно според проблематиката на терен и продолжува да се соочува со недостаток на полициски службеници на терен, дополнително се објави нов оглас за прием на дополнителни 150 полициски службеници исклучиво за потребите на СВР Скопје“, наведуваат од МВР.
Информации на PortaliX од полициски извори говорат дека конкурсот за 600 полицајци ќе биде поништен, бидејќи имало исклучително мал број на албански кандидати, а албанскиот коалициски партнер ВЛЕН побарал негово поништување и распишување на нов оглас.



