
Државниот инспекторат за труд ќе го поништи огласот за вработување во Општата Болница „Др.Ферид Мурад„ во Гостивар, по констатирање на низа неправилности во последниот оглас.
Како што информира инспекторатот за PortaliX, последниот оглас не ги содржи сите елементи според законите и прописите за јавен оглас.
„Објавениот Јавен Оглас бр.04-1702 од 29.12.2023 година, објавен од страна на ЈЗУ Општа Болница „Д-р Ферид Мурад“ од Гостивар не ги содржи сите елементи од Правилник за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор преку вработување и на пријавата за вработување, како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот на лица кои дале лажни податоци при вработување во јавен сектор (Службен весник на РМ, бр. 34 од 06.03.2015 година), односно во член 2 од овој правилник е дефинирано кои се задолжителните елементи кои јавниот оглас треба да ги содржи, односно објавениот Оглас не содржи шифра на работно место , почеток и завршеток на работното време, кратка информација за начинот за спроведување на постапката за селекција и припадност за заедниците согласно донесениот годишен план како и член 23 став (1) алинеја 4 од Законот за работните односи„, пишува во одговорот на инспекторатот за PortaliX.
PortaliX претходно објави ексклузивна снимка која покажува дека вработувањата во оваа болница се вршеле според партиска книшка, а за тоа влијаел директорот на болницата Илбер Адеми.
Огласот беше објавен за вработување на 10 доктори, 10 медицински сестри, 1 РТГ технолог и 1 биохемичар.


